Основачко собрание на Друштвото на библиотекарите на НРМ е одржано на 16 септември 1949 година во просториите на Средната музичка школа во Скопје, со задача да работи на подигнувањето, унапредувањето и ширењето на библиотечната мрежа, издигнувањето на библиотечните кадри и одгледувањето на библиотечната струка, како и да дава мислење и помош по сите други прашања од областа на библиотекарството. На собранието присуствувале 49 библиотечни работници од сите градови на СР Македонија во кои постоеле библиотеки во тоа време и станале негови први членови. Првиот претседател на Друштвото бил Епаминонда Попандонов, директор на Народната библиотека во Скопје, со мандат од 1949-1952 година. Решението за основање и работа на Друштвото излегло во Службен весник на НРМ на 1.03.1950 година (бр. 4, стр. 31). [1]
Во 1978 година Друштвото на библиотекарите на СРМ се реорганизира во Сојуз на друштвата на библиотекарите на СР Македонија, а неговите пододбори прераснале во Друштва на библиотекари. Вакви друштва ќе се формираат во повеќе региони од Македонија: Друштво на библиотекари од југозападниот дел на Македонија (основачко собрание на 21.04.1978 год.), во кое членуваат библиотекари од Прилеп, Битола, Македонски Брод, Кичево, Крушево, Демир Хисар, Ресен, Охрид и Струга, а со седиште во Битола[2];
Повардарското регионално друштво (основачко собрание на 06.06.1978 год.) го сочинувале библиотекари од Титов Велес, Неготино, Валандово, Богданци и Гевгелија; Источното регионално друштво на библиотекарите (основачко собрание на 12.06.1978 год.) од Штип, Радовиш, Струмица, Пробиштип, Кочани, Виница, Берово, Делчево и Свети Николе; Североисточното друштво на библиотекари (основачко собрание на 22.06.1978 год.) со седиште во Тетово, во кое членуваат библиотекарите од Тетово, Гостивар и Дебар;
Друштвото на библиотекарите од Скопскиот регион во кое членуваат библиотекарите од Скопје, Куманово, Кратово и Крива Паланка.[3]
На сите собранија биле поднесени извештаи и програми, усвоени биле нормативните акти, било извршено конституирање на телата на Друштвата и избрани делегатите за Основачкото собрание на Сојузот на друштвата на библиотекарите на СР Македонија чие основачко собрание се предвидувало да се одржи кон средината на март 1979 год.
Истото се одржало на 11 и 12 мај 1979 год. во Прилеп врз делегатски принцип, со избор на 49 делегати во новоформираните Друштва на библиотекари од целата Република. Собранието ги усвоило новите нормативни акти меѓу кои Самоуправна спогодба за здружување на регионалните друштва на библиотекарите во Сојуз на друштвата на библиотекарите на СР Македонија и Статутот на Сојуз на друштвата на библиотекарите на СР Македонија. Во 1990 година Сојузот добива Орден заслуги за народ со сребрени зраци по повод четириесетгодишнината од постоењето и особени заслуги во развивањето и унапредувањето на библиотекарството.
На 24.03.1995 год. во просториите на НБ „Страшо Пинџур“ во Неготино, на седницата на Сојузот на друштвата на библиотекарските работници на Република Македонија, водена од претседателот на Сојузот, Блаже Чулев е констатирана потребата на повторно заживување и реконструирање на дотогашниот Сојуз. За таа цел е донесена одлука библиотекарите, по пат на лично изјаснување, да ја декларираат желбата за членување и за преименување на СДБРМ во Библиотекарско друштво на Македонија, како и за усогласување на дотогашниот Статут со новиот Закон за општествени организации и здруженија на граѓани.[4] На денот на реконституирањето усвоен е новиот Статут на Друштвото и избрани се нов Извршен и Надзорен одбор со двегодишен мандат. За претседател од ИО избрана е Светлана Марковиќ. Според бројот на пристапниците потпишани за денот на одржувањето на Собранието, Библиотекарското друштво на Македонија брои 258 членови. Заклучно со 22.10.1996 год. БДМ брои 270 индивидуални и 22 колективни членови. На 25.07.1996 год. Библиотекарското друштво на Македонија БДМ се здобило со Решение за регистрација.
Со новиот Закон за здруженија и фондации од 16 април 2010 година, Библиотекарското друштво на Македонија било пререгистрирано во Библиотекарско здружение на Македонија со скратен назив БЗМ и како такво функционира и денес.
Библиотекарското здружение има цел да координира одредени активности во развојот на библиотекарството во Македонија, да помага во стручно усовршување на библиотекарскиот кадар, покренува иницијативи за регулирање прашања од оваа област, соработува со меѓународни библиотекарски организации. Преку натпревари (натпревар „Млади библиотекари“) и презентации ја популаризира библиотечната дејност кај младите генерации, а со доделувањето награди и признанија се валоризира трудот на поединци и институции (награда „Библиотека на годината“, „Климентова повелба“ за животно дело). Библиотекарското здружение секогаш е отворено за соработка и претставува носител на програмата за развој на библиотекарската професија, двигател на развојни проекти, генератор на нови идеи, иницијатор на промени. Исто така е организатор е на семинари, курсеви, домашни и меѓународни собири и состаноци, обезбедува проток на стручни информации преку своите изданија и создава мрежа на креативни професионалци библиотекари. Тоа е сегашната и идна перспектива на нашето Библиотекарско здружение.
м-р Милка Котевска, виш библиотекар
НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола
Извор: Библиотечен тренд : списание на Матичната и Универзитетска библиотека “Св. Климент Охридски” – Битола. – ISSN 1409-9497 (Бр. 48/49, 2019, стр. 16-17)
[1] Андоновски, А. (1966). Друштвото на библиотекарите на Македонија од основањето до денес (1949-1965), види во „Библиотекарска искра“ год. 3, бр. 9/10 (1966), стр.97
[2] Стефановска, А. (2016). Хронологија на значајни обележја од развојот на библиотекарството во Македонија кн.2, Скопје : Библиотекарско здружение на Македонија, стр. 13
[3] Дојчиновски, К. (1979). Реорганизација на Друштвото на библиотекарите на СРМ, види во „Библиотекарска искра“, год. 9, бр. 21 (1979), стр. 157-158
[4] Мајсторова, Е. (1998). Преглед на активностите на Библиотекарското друштво на Македонија 1996-1998, види во „Библиотекарска искра“, вол. 16, бр. 1/2 (1998), стр. 43