За натпреварот „Млади библиотекари“

Библиотекарското здружение на Македонија, покрај своите редовни активности, во 2000 година започна со организирање на натпреварот „Млади библиотекари“, со цел популаризација на библиотечната дејност кај најмладата популација, односно кај членовите на училишните библиотеки во Македонија. Во 2001 година, согласно Статутот на друштвото, донесен е Правилник за организирање и спроведување на Републичкиот натпревар „Млади библиотекари“, според кој народните библиотеки организираат општински натпревари за членовите до 14 годишна возраст односно учениците од основно образование. Победниците на општинските натпревари имаат право да учествуваат на Републичкиот натпревар. Така, првиот Републички натпревар се одржал во Берово 2000 година со учество на 9 претставници од народните библиотеки.

Со цел да им се излези во пресрет на учесниците во натпреварите, на иницијатива на Извршниот одбор на Библиотекарското друштво, се подготвило единствено стручно помагало соодветно на возраста на учениците во основното образование. Тоа е прирачникот „Млади библиотекари : прирачник за подготовка на кандидати за натпреварот „Млади библиотекари“  од Миле Бошески, библиотекар-советник, издадено во 2003 година (дополнето издание 2008). Во 2018 година се издаде нов и современ прирачник, во кој се имплементира современото работење во библиотечната дејност, новите трендови на автоматизирано работење, глобализацијата на информациите и информациските системи, дигитализацијата на материјали и слични нови форми на работење. Тоа е прирачникот „Библиотекарство : прирачник за подготовка на кандидати за натпреварот „Млади библиотекари“ од Благој Н. Николов, Гордана Пешевска и Дијана Кирова. Во 2019 година овој прирачник е преведен и на албански јазик: „Bibliotekaria : doracak i përgatitjes së kandidatëve për garat “Bibliotekarët e rinj”.