3. Републички натпревар „Млади библиотекари“ во Скопје, 2002

Трет републички натпревар „ Млади библиотекари“

(одржан на 8.11.2002 година)

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје беше домаќин на третиот Републички натпревар „Млади библиотекари“. На натпреварот зедоа учество членови на народните и училишните библиотеки во Република Македонија, кои освоиле едно од првите две места на општинските натпревари одржани истата година. Имено, врз основа на одлуката на Извршниот одбор на БДМ, беше распишан Конкурс за организирање и спроведување на општинските натпревари во текот на месецот септември 2002 година. Носители и организатори на овие натпревари беа народните библиотеки. Победниците на општинските натпревари се здобија со право да учествуваат на Републичкиот натпревар кој се одржа на 8.11.2002 година во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

На третиот по ред Републички натпревар „Млади библиоткари“ одржан во Скопје, учествуваа вкупно 28 натпреварувачи, членови на народните и училишните библиотеки во Република Македонија.

За регуларноста на натпреварот и за доследното применување на Правилникот на ова натпреварување се грижење посебно формирана Комисија од ИО на БДМ, во состав: Магдица Шамбевска – претседател, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје; Орхидеја Јаневска – член, Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје; Јелица Мариќ – член, библиотекар во училишната библиотека при ОУ „Рајко Жинзифов“ – Драчево; Јулија Темелкова – член, Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и Соња Цоневска – член, НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

Според Правилникот, натпреварот беше анонимен. Секој натпреварувач пред почетокот на натпреварот на посебен образец ги депонираше личните податоци како и шифрата под која ќе се натпреварува. Пополнатите обрасци во затворени пликови беа доставени до Комисијата. Секој натпреварувач доби посебно подготвен прашалник кој содржење 24 прашања и бројот на максималните и минималните бодови на дадените одговори. Прашалникот беше подготвен од Комисијата за спроведување на натпреварот.

Врз основа на постигнатите резултати Комисијата констатира дека натпреварувачите главно покажаа солидно познавање на материјата опфатена со анкетниот прашалник.

Врз основа на освоените бодови Комисијата подготви ранг листа на прво, второ и трето рангираниот натпреварувач.

Првото место со вкупно 150 бода ѝ припадна на Рената Џотова – член на народната библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија.

Второто место со вкупно освоени 145 бода ѝ припадна на Александра Меновска – член на училишната библиотека при ОУ „Рајко Жинзифов“ Драчево – Скопје.

Третото место со вкупно освоени 140 бода ѝ припадна на Ана Франгова – член на училишната библиотека при ОУ „Јон Амос Коменски“ – Скопје.

За освоеното прво, второ и трето место натпреварувачите добија дипломи, а останатите учесници благодарници за учество на третиот Републички натпревар „Млади библиотекари“. Дипломите и благодарниците на натпреварувачите им ги врачи Миле Бошески, претседател на БДМ.

Претседателот Миле Бошески во име на организаторот на натпреварот, Библиотекарското друштво на Македонија, искажа посебна благодарност до НУБ „Св. Климент Охридски“ за помошта во книги кои им беа доделени на натпреварувачите; благодарност до компанијата „Дал Мет Фу“ од Скопје која обезбеди закуска за натпреварувачите; благодарност до народните библиотеки кои зедоа учество во реализацијата на општинските натпревари и посебна благодарност до Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ како домаќин на Републичкиот натпревар.

Натпреварот помина во пријатна атмосфера за која се погрижија домаќините на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и организаторот на натпреварот Библиотекарското друштво на Македонија.

Комисијата
за спроведување на натпреварот

Извор: Библиотекарство : списание на Библиотекарското друштво на Македонија. – ISSN 1409-9357 (Вол. 20, бр. 1-2, 2002, стр. 129-130)

Можеби ќе ви се допадне...