Иницијатива за поттикнување на љубовта кон читањето кај децата

Вовед

Во светлината на последните резултати од тестирањето на PISA (Programme for International Student Assessment), кои покажаа поразителни резултати во Македонија во поглед на читањето со разбирање, станува јасно дека постои потреба за посветување на посебно внимание кон поттикнување на желбата за читање кај децата. Читањето не е само вештина, туку клучен елемент во целосниот развој на детето. Освен што ги подобрува когнитивните способности и креативното мислење, читањето им овозможува на децата да истражуваат нови светови, да развиваат емпатија, да го збогатат својот вокабулар и да го надградат своето разбирање за околината во која се наоѓаат. Исто така, читањето ги припрема децата за успешно вклучување во образовниот процес, обезбедувајќи им потребните вештини и знаења за успешно справување со предизвиците во современиот свет.

Идеја

Основната идеја на оваа иницијатива е да се креираат аудио снимки од читање делови од интересни книги за деца, кои ќе бидат достапни преку платформата YouTube. Снимките ќе вклучуваат кратки делови од книгите, читани од студенти на драмскиот факултет или искусни глумци односно наратори на волонтерска основа. Целта на снимките не е да се прочита целата книга, туку да се создаде интерес кај децата и да се поттикне нивната желба за продолжување на читањето.

Имплементација

Процесот започнува со одбирање книги кои се интересни и соодветни за возраста на децата, а предлозите ќе ги даваат издавачките куќи и библиотекарите. Потоа, овие материјали се снимаат и се објавуваат на YouTube, при што во делот за опис на записот ќе се постават корисни информации (напатствие за родителите како да ги користат аудио снимките, како се користи системот за пребарување книги во библиотеките, линк до корисни ресурси, линк до веб страната на издавачот од каде што може да се нарача книгата, податоци за нараторот со линк до неговиот профил и слични информации). Истовремено, Фондацијата во соработка со психолози и други стручни соработници ќе објавува статии и совети за важноста на читањето наменети за родители и наставници со цел подигање на свеста за важноста на читањето и ќе работи на градење мрежа од истомисленици.

Повик за вклучување

Сите засегнати страни – издавачки куќи, наставници, родители, медиуми, здруженија на граѓани се покануваат да се вклучат активно во оваа иницијатива со регистрирање на нивниот интерес пополнувајќи го формуларот на овој линк.