Библиотекарското друштво на Македонија Скопје е формирано во 1949 година (Од 22.9.2010 г. со променет назив: БИБЛИОТЕКАРСКО ЗДРУЖЕНИЕ НА МАКЕДОНИЈА Скопје). Оттогаш седиштето е сместено во Националната Универзитетска библиотека во Скопје. Во негово членство се сите национални установи библиотеки, специјализирани и јавни, како и сите универзитетски библиотеки во Македонија. Неговата работа е одредена со Статут на Здружението.
Здружението во својата 70-годишна активност ги координира поголемите активности во развојот на библиотекарството во Македонија. Помага за стручно усовршување на библиотекарскиот кадар преку примена на соодветни форми на дообразование и покренува иницијативи за нормативно регулирање на одделни прашања преку закони, други прописи и колективни договори. Соработува со меѓународни и други библиотекарски асоцијации со цел унапредување на дејноста и нејзино афирмирање во светот. Исто така преку месечните билтени и други информативни материјали од работата на разни меѓународни комисии и тела, БЗМ обезбедува проток на информации за актуелните збиднувања во европскиот и во светскиот библиотечно-информативен простор. Со учеството на годишни и други коференции се обезбедува непосреден контакт и размена на искуства за разни прашања од библиотечно-информативната дејност.