Повик за доставување трудови и други прилози за новиот број на списанието за 2026 година
Почитувани колешки и колеги,
Редакцијата на списанието „Библиотекарство“ го објавува Повикот за доставување трудови и други прилози за новиот број на списанието за 2026 година.
Водени од заложбата списанието „Библиотекарство“ да прерасне во препознатлива платформа за стручен дијалог, размена на знаења и искуства, промоција на библиотечната дејност и афирмација на библиотекарската професија, ја подготвивме новата концепција на списанието. Таа создава поширок простор за активно учество на библиотекарите и библиотеките во креирањето на неговите содржини и ја поттикнува размената на професионални искуства, добри практики и стручни достигнувања.
Покрај објавувањето стручни трудови, новата концепција овозможува застапеност и на текстови од информативен, промотивен и стручен карактер. На тој начин, списанието има за цел да се развива како современо стручно гласило и заеднички форум на македонската библиотечна заедница, во кој ќе се претставуваат професионалните достигнувања, успешните практики, проектите, иницијативите и другите активности што се реализираат во библиотеките, придонесувајќи за нивна поголема видливост, меѓусебно поврзување и размена на искуства.
Со цел да се зачува континуитетот во објавувањето на стручни трудови, Издавачкиот совет утврди за овогодишното издание стручните трудови да бидат подготвени на една од следните тематски области:
- Информациски системи и бази на податоци во библиотечната дејност;
- Стручна обработка на библиотечен материјал;
- Роднокрајни збирки во библиотеките;
- Ракописно наследство во библиотечните фондови.
Во прилог на Повикот Ви ги доставуваме:
- Концепцијата на списанието „Библиотекарство“;
- Упатството за подготовка и доставување на трудови и други прилози.
Ги покануваме сите библиотеки, библиотекари и стручни соработници активно да се вклучат во подготовката на ова издание и со своите истражувања, стручни трудови, прикази, информации, осврти, примери од практиката и други авторски прилози да придонесат кон создавање списание што ќе биде вистински одраз на современото македонско библиотекарство, професионалниот развој на библиотечната дејност и заедничките заложби на библиотечната заедница.
Рокот за доставување на трудовите и другите прилози е 10 ноември 2026 година.
Трудовите и другите прилози потребно е да се достават во електронска форма на адресата:
redakcijabibliotekarstvo@
заедно со основните податоци за авторот (име и презиме, институција и контакт).
Во предметот на електронската порака потребно е да се наведе:
„Библиотекарство 2026 – име и презиме на авторот“
Сите прилози треба да бидат подготвени согласно со Упатството за подготовка и доставување на трудови и други прилози.
По истекот на рокот ќе следува постапка на рецензија, селекција, уредување и подготовка за објавување, а излегувањето на списанието е предвидено до крајот на 2026 година.
Уверени сме дека токму Вашето знаење, искуство и професионален ангажман ќе придонесат новиот број на списанието „Библиотекарство“ да биде значаен документ за современото македонско библиотекарство, сведоштво за неговиот развој и поттик за нови професионални иницијативи.
Со нетрпение очекуваме и ова издание на списанието да биде резултат на заедничкиот професионален ангажман на македонската библиотечна заедница.
Ви благодариме за досегашната соработка и поддршка и со особено задоволство ги очекуваме Вашите прилози.
Со почит,
Редакцијата на списанието „Библиотекарство“
Издавачкиот совет на списанието „Библиотекарство“
Издание на Библиотекарското здружение на Македонија
Пандорка Стоименовска
Претседател на Издавачкиот совет
Претседател на Редакцијата
Главен уредник
Јана Михајловска
Главен и одговорен уредник
Претседател на Библиотекарското здружение на Македонија



