Успешно одржана 5. Меѓународна конференција на библиотекари

Успешно одржана 5. Меѓународна конференција на библиотекари „Услуги за корисници со посебни потреби и лица со попреченост“ Велес, 14–16 мај 2025

Со голема чест и задоволство споделуваме дека во Велес, од 14 до 16 мај, се одржа 5. Меѓународна конференција на библиотекари, која се фокусираше на развојот на инклузивни библиотечни услуги за лица со попреченост и посебни потреби. Конференцијата е проект од национален интерес во културата за 2025 година.

Настанот собра над 80 библиотекари од целата држава, како и гости од Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Индија, обединети во заложбата за достапност, еднаквост и поддршка за сите корисници.

Конференцијата понуди можност за размена на знаења, искуства и иновативни решенија во следниве области:

  • употреба на асистивна технологија,
  • етички и правни аспекти на пристапот,
  • дизајн на инклузивни простории,
  • и обука на библиотечниот кадар за работа со оваа група на корисници.

Во заклучоците беше нагласена потребата од:

  • континуирана едукација на библиотекарите;
  • финансиска поддршка за реализирање на идеи и проекти за лица со попреченост;
  • и создавање отворен, флексибилен и модерен библиотечен систем, достапен за секого.

Конференцијата ја отворија:

Министерот за култура и туризам на РС Македонија, г. Зоран Љутков
и
Претседателката на Библиотекарското здружение на РС Македонија, д-р Јана Михајловска

Во својот говор, министерот Љутков истакна:

„Библиотеките отсекогаш биле повеќе од институции кои чуваат книги. Тие се простори на учење, слобода на мисла и социјална инклузија. Во дигиталниот свет улогата на библиотекарот станува сè поважна – вие сте едукатори, поддржувачи на критичко размислување и двигатели на инклузивност. Попреченоста не треба да се гледа како пречка, туку како поттик библиотеките да бидат похумани и пофлексибилни. Министерството останува посветено на поддршката со конкретни чекори, за да создадеме културни институции во кои достапноста и грижата се темел, а не додаток.“


Почесно признание – Плакета

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје за исклучителни резултати и постигнувања во поддршката на научноистражувачката дејност и културниот живот во земјата.


Во рамки на свечениот дел, традиционално беа доделени наградите на Библиотекарското здружение на Македонија:

• Климентова повелба за животно дело: Јелисавета Костадинова, библиотекар советник

• Библиотека на годината – 2024:

  • Јавни библиотеки: „Гоце Делчев“ – Велес
  • Високошколски библиотеки: „Макс ван дер Штул“ – Универзитет на ЈИЕ – Тетово
  • Училишни библиотеки: ООУ „Никола Карев“ – Кочани

Во знак на признание за соработката и поддршката беа доделени благодарници на:

  • Министерството за култура и туризам – за целосната финансиска поддршка (ја прими министерот г. Зоран Љутков)
  • Јовица Никчевски, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје – за неговиот личен и професионален придонес
  • Општина Велес – за логистичка и институционална поддршка
  • ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Велес – за вклученоста во организацијата и промоцијата на културното и историското наследство на градот Велес (ја прими директорката Снежана Бошевска)

Во рамки на конференцијата беше потпишан и Меморандум за соработка со претседателката на Здружението на основни училишта од Србија, г-а Ивана Ранковиќ, со цел унапредување на соработката меѓу библиотеките и училиштата на регионално ниво.

Внимание привлече и видеопрезентацијата базирана на изложбата во НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје „80 години од кодификацијата на македонскиот јазик – сведоштва од фондот на НУБ и Дигиталната библиотека на Македонија“, изработена од Милица Ивановска со текст на д-р Јана Михајловска.

Голема благодарност до организацискиот одбор:
Зорица Јаковлевска-Спировска (модератор), Гордана Ѓоргиевска-Неделковски (модератор), Јелисавета Костадинова, член, Милица Ивановска, член, Гордана Кроткова, член, Билјана Павличковска, член, Љупчо Јованов, член и Наум Ѓоршовски, член.

Автор и раководител на проектот: д-р Јана Михајловска

Искрена благодарност и до Извршниот одбор на Библиотекарското здружение на Македонија и до сите членки за нивното присуство, поддршка и придонес во успешната реализација на овој значаен настан.

Оваа конференција беше уште една потврда дека библиотекарите – со својата стручност, посветеност и човечност – се подготвени да бидат двигатели на промени и градители на инклузивна заедница.

Можеби ќе ви се допадне...