2. Републички натпревар „Млади библиотекари“ во Берово, 2001
Врз основа на Статутот на Библиотекарското друштво на Македонија и Правилникот за организирање и спроведување на Републички натпревар „Млади библиотекари“ за членовите на народните и училишните библиотеки, Извршниот одбор на БДМ формира Комисија за спроведување на натпреварот во 2001 година.
По објавениот Конкурс за условите на натпреварувањето, Народната библиотека „Народна Просвета“ при Домот на културата „Димитар Беровски“ во Берово искажа посветеност да биде домаќин и организатор на натпреварот во 2001 годинаа. По разгледувањето на кандидатурата, Извршниот одбор донесе одлука, по втор пат да ја довери организацијата на ова натпреварување на народната библиотека „Народна просвета“ и Домот на културата во Берово.
Комисијата во состав: Сенка Наумовска – претседател, Миле Бошески – претседател на БДМ – член и Јелица Мариќ – член, текстот на Конкурсот го достави до сите народни библиотеки во Република Македонија. Краен датум за пријавување на кандидатите беше 20.11.2001 година. Во овој рок се пријавија кандидати од следниве народни библиотеки: „Илинден“ – Делчево, „Народна просвета“ – Берово, „Гоце Делчев“ – Гевгелија, „Искра“ – Кочани, „Браќа Миладиновци“ – Радовиш, „Страшо Пинџур“ – Неготино, „Браќа Миладиновци“ – Скопје, „Кочо Рацин“ – Пехчево.
Натпреварот беше анонимен, односно секој натпреварувач пред почетокот на натпреварот на посебен образец ги внесе своите генералии и шифрата под која ќе се натпреварува. Секој кандидат го стави пополнетиот образец во посебен плик.
За натпреварот беше подготвен прашалник со вкупно 24 прашања, на кои кандидатите требаше да дадат писмен одговор. Покрај секое прашање беа внесени максимално и минимално број на бодови за дадениот одговор.
Кандидатите имаа на располагање еден час за писмен одговор на поставените прашања.
По истекот на предвиденото време за натпреварот, Комисијата ги разгледа пополнетите прашалници и ја констатира следнава состојба:
Првото место со освоени 66 бода на Вториот републички натпревар „Млади библиотекари“ го освои натпреварувачката Адријана Богоев, која се натпреваруваше под шифра Луна. Натпреварувачката Адријана Богоев е член на Народната библиотека „Илинден“ – Делчево.
Второто место со освоени 64 бода ѝ припадна на натпреварувачката Маја Анѓелковиќ, која се натпреваруваше под шифрата Бик. Натпреварувачката Маја Анѓелковиќ е член на Народната библиотека „Искра“ – Кочани.
Третото место со освоени 59 бода му припадна на натпреварувачот Зашев Павле, кој се натпреваруваше под шифра Х-15. Натпреварувачот Зашев Павле е член на Народната библиотека „Искра“ – Кочани.
За освоеното прво, второ и трето место на натпреварувачите им беа доделени дипломи и пригодни подароци од книги. На останатите учесници им беа доделени благодарници за учество и книги. Книгите за натпреварувачите ги обезбеди НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Домаќините на Вториот републички натпревар „Млади библиотекари“, Домот на културата „Димитар Беровски“ и Народната библиотека „Народна просвета“ за учесниците организираа посета на манастирот и црквата „Свети Архангел и Михаил“. Во конаците на овој манастир поместен е Историскиот музеј, во кој доминираат поставките за Разловечкото и Кресненското востание. Вториот републички натпревар заврши со заеднички ручек организиран од Домот на културата „Димитар Беровски“ и директорот Зоран Мазновски, на кој учесниците го искажаа задоволството од еднодневното дружење на натпреварот со желба за повторна средба.
Берово, 23.11.2001 година
Ѓердовска Јаворка
Народна библиотека
„Народна просвета“ – Берово
Извор: Библиотекарство : списание на Библиотекарското друштво на Македонија. – ISSN 1409-9357 (Вол. 19, бр. 1-2, 2001, стр. 139-140)