7. Републички натпревар „Млади библиотекари“ во Радовиш, 2006
Во организација на Библиотекарското друштво на Македонија, на 17 ноември 2006 година, во Радовиш, беше одржан седмиот по ред Републички натпревар „Млади библиотекари”. На натпреварот учествуваа триесетина натпреварувачи од повеќе градови во Републиката, победници на претходно одржаните Општински натпревари. Претседателот на Комисијата за спроведување на натпреварот ги запозна кандидатите со правилата за полагање на тестот. Тестот имаше 21 прашање, а траеше 60 минути. Додека тричлената комисија, во состав: Миле Бошевски, претседател, Слободанка Дуева и Иванка Соколова, членови, ги прегледуваа тестовите, беше организирана пријатна прошетка по топлото и сончево време низ Радовиш, при што ја посетивме и црквата „Света Троица”. Бевме пријатно изненадени и, се разбира, возбудени кога после долгото читање и доделување на благодарниците за учество на секој од кандидатите и дипломите за освоено трето и второ место, свативме дека единствено неповикана остана нашата Викторија Блажеска, ученичка во VII одделение во ОУ”Климент Охридски” – Битола. Таа го освои првото место со максимални 160 бодови.