Меѓународна конференција на библиотекари 2024
На 16 и на 17 мај се одржа 4. меѓународна конференција на библиотекари насловена како „Примената на вештачката интелигенција во библиотекарството: предизвици и можности“. Оваа конференција, е во целост поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес во културата за 2024 година.
Оваа година се заокружија 75 години од основањето на Библиотекарското здружение на РС Македонија, здружение коешто се грижи за интересите на библиотекарите, за нивниот професионален развој. Ова е време кога ние како библиотекари треба да погледнеме назад на изминатиот пат, да утврдиме каква е состојбата на нашето библиотекарство денес и да ја проектираме перспективата за идниот развој.
Токму со ваков вид на активност Здружението обезбедува непосреден контакт и размена на искуства за разни прашања од библиотечно-информативната дејност. Искрено се надевам дека во овие два дена бевме сведоци на претставени теми и отворени прашања и дискусии коишто се однесуваат на развојот на библиотечните услуги, иновациите во работењето и слично. Исто така оваа конференција донесе повеќе размена на нови знаења и искуства, добри практики и совети, но и запознавање и дружење на библиотекарите од сите видови библиотеки од Македонија и од поширокиот регион.
На овој значаен настан со свое излагање учествуваа гости од Германија, Турција, Србија, Ирска, Азербејџан, Холандија, Хрватска, Бугарија и Косово, наши излагачи од Македонија, а имаше и над сто присутни.
Како почитувани членови на библиотечната заедница, Ви благодарам на сите што со вашето присуство и увиди во голема мера го збогативте овој јубилеен настан, а со размената на визиите и стекнатите искуства, несомнено придонесовте за унапредување на оваа мошне вредна дејност.
Благодарност до сите членки на БЗМ, до Извршниот одбор и се разбира голема благодарност до Организацискиот одбор (Јелисавета Костадинова, Наум Ѓоршовски, Маја Мицевска-Ризова, Јовица Никчевски, Љупчо Јованов, Билјана Павличковска и Дарко Лешоски). Се разбира настанот немаше да биде комплетен без модераторите Зорица Јаковлевска-Спировска, Јелена Петровска и Маја Мицевска-Ризова.
Со почит и до следно видување,
д-р Јана Михајловска
Претседател на ИО на БЗМ